Продолжениот викенд донесе значително зголемување на сообраќајот кон Грција, а на граничниот премин „Богородица“ уште од раните утрински часови се формирале колони возила.
Според снимките од камерите, околу 6:45 часот автомобилите биле наредени во повеќе колони на излез од Македонија, чекајќи да ја преминат границата.
Засилената фреквенција се поврзува со продолжениот викенд, кој голем број граѓани го користат за краток одмор на грчкото крајбрежје. Дополнителна гужва создава и вообичаената смена на туристи кон крајот на август.
Најголем наплив на возила кон Грција се очекува во петок и сабота, додека во недела може да има поголема фреквенција во спротивната насока – кон Македонија.
Како алтернатива на „Богородица“, патниците што се упатуваат кон Солун, Аспровалта или Халкидики можат да го користат граничниот премин Дојран, додека за оние што патуваат кон западниот дел на Грција и Јонското Море алтернатива е Меџитлија.
На возачите им се препорачува пред тргнување да ја проверат моменталната состојба на граничните премини и, доколку имаат можност, да ги избегнат термините со најголема фреквенција.








