Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на изминатата ноќ системите за противвоздушна одбрана собориле вкупно 64 украински дронови над територијата на десет руски региони.
Според официјалното соопштение, најголем број дронови биле неутрализирани над Самарската област – вкупно 20. По осум дронови биле соборени над Воронежската и Саратовската област.
Над Московскиот регион биле уништени седум дронови, од кои пет, како што се наведува, летале во правец на главниот град. Дополнително, по шест дронови биле соборени над Рјазанската и Ростовската област, три над Тулската област, два над Белгородската област и по еден над Курската, Калушката, Пензската и Тамбовската област.
Во меѓувреме, Истражниот комитет на Русија соопшти дека бројот на загинати во нападот со дронови врз Херсонската област, кој се случил ноќта меѓу 31 декември и 1 јануари, се искачил на 27 лица, меѓу кои и две малолетни деца.
Според руските власти, во истиот напад биле погодени кафетерија и хотел во Херсонската област, при што биле повредени 29 лица. Пожарот што избувнал по нападот зафатил површина од околу 500 квадратни метри.
Гувернерот на Херсонската област, Владимир Салдо, информираше дека 2 и 3 јануари се прогласени за денови на жалост во регионот.
Дополнително, Русија побара од Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права јавно да го осуди, како што беше наведено, нападот врз Херсонската област. Ова го соопшти постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации во Женева, Генадиј Гатилов.















