Смрт обвиена со прашања ја потресе американската јавност откако на Нова година, неколку часа по полноќ, во хотел во Сан Франциско беше пронајдена мртва 34-годишна жена – ќерка на познатиот холивудски актер Томи Ли Џонс, најпознат по улогата во филмската франшиза Men in Black.
Телото било откриено на 14 кат од хотелот од случаен гостин, кој првично помислил дека станува збор за лице кое спие. Откако персоналот реагирал, било утврдено дека жената не покажува знаци на живот, по што веднаш била повикана итна медицинска помош. Лекарите само ја констатирале смртта.
Според информациите од истражните органи, на телото немало видливи траги на насилство, ниту пак биле пронајдени недозволени супстанции. Засега нема докази за напад, но ниту јасно објаснување што точно довело до трагичниот исход. Дополнителна дилема претставува и фактот што не е утврдено дали жената официјално престојувала во хотелот и како точно се нашла на тој кат.
Иако долго време живеела далеку од јавни скандали, американските медиуми потсетуваат дека во текот на минатата година таа била приведувана во неколку наврати поради инциденти поврзани со дрога и семејни конфликти. Овие податоци дополнително ја подгреваат јавната љубопитност, но надлежните апелираат да не се извлекуваат заклучоци пред завршување на истрагата.
Полицијата во Сан Франциско официјално побара помош од јавноста и најави дека клучни ќе бидат резултатите од токсиколошката анализа, кои сè уште не се објавени. До тогаш, случајот останува една од најмистериозните новогодишни трагедии во САД.















