Очекуваниот животен век во Македонија минатата година е зголемен за една година и изнесува 76,6 години, но демографската слика на земјата и понатаму е загрижувачка. Бројот на починати повторно значително го надминал бројот на родени, што резултира со продолжување на негативниот природен прираст.
Според податоците од Државниот завод за статистика, објавени во „Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025“, во текот на 2024 година се родиле 16.061 дете, а починале 20.201 лице. Тоа значи намалување на населението за 4.140 жители за само една година.
Просечниот очекуван животен век е зголемен од 75,32 години во 2023 на 76,63 години во 2024. Жените живеат подолго – во просек 78,86 години, што е речиси четири и пол години повеќе од мажите, кај кои животниот век изнесува 74,48 години.
Само Скопје со позитивен природен прираст
Во последните шест години, почнувајќи од 2019 година, земјава континуирано бележи негативен природен прираст. Позитивен бил регистриран само во Скопскиот регион, додека во сите други региони бројот на починати го надминал бројот на родени.
Највисок позитивен прираст во Скопје е забележан во Сарај (+8,4) и Чаир (+5,5 на 1.000 жители), додека најниски стапки имаат Кисела Вода (-4,2) и Карпош (-3,9). На ниво на држава, најголем позитивен природен прираст е евидентиран во Арачиново (+10,5), Студеничани (+9,7), Сарај (+8,4) и Липково (+6,2).
Најголем пад на населението е регистриран во Ново Село (-14,8), Новаци (-13,7), Старо Нагоричани (-13,6), Кратово (-12,8), како и во Берово, Чешиново и Облешево и Росоман.
Пад на наталитетот и структура на раѓањата
Бројот на живородени деца продолжува да опаѓа. Во споредба со 2023 година, кога биле родени 16.737 деца, минатата година бројката е намалена за речиси 700. Во однос на подолг период, падот е уште поизразен – од 23.002 живородени деца во 2016 година.
Најголем дел од родените деца се првородени (42,7%), потоа второродени (38,1%), третородени (13,2%), четвртородени (3,7%) и петтородени (1%). Најголем број деца се родени од мајки на возраст меѓу 25 и 29 години (31,8%) и меѓу 30 и 34 години (30,8%).
Причини за смрт и здравствена слика
Најчеста причина за смрт и понатаму се болестите на циркулаторниот систем, кои учествуваат со 36,6%. Потоа следуваат неоплазмите со 19,6%, како и ендокрините, нутритивните и метаболичките болести со 7,7%.
Помалку бракови, повеќе разводи
Минатата година во земјава се склучени 11.066 бракови, што е за околу 1.600 помалку во однос на претходната година. Во исто време, бројот на разводи е зголемен за 259 и достигнал 2.024.
Во просек, на 1.000 склучени бракови имало 183 разведени. Најмногу разводи на 1.000 бракови се регистрирани во Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот регион – над 200, додека најмалку во Североисточниот регион – под 140.
По општини, најмногу разводи на 1.000 жители се забележани во Зрновци, Лозово, Росоман, Градско, Делчево, Дојран, Гевгелија, Кавадарци и Општина Центар. Најмал број разводи има во Вевчани и Центар Жупа, како и во Сопиште, Липково, Арачиново и Сарај.














