ПРВ.мк
Свет

ПРОПУСТ КОЈ МОЖЕШЕ ДА УБИЕ 174 ЛУЃЕ: Копилотот со месеци го планирал уривањето на авионот!

ПРОПУСТ КОЈ МОЖЕШЕ ДА УБИЕ 174 ЛУЃЕ: Копилотот со месеци го планирал уривањето на авионот!

Копилотот на авиокомпанијата „Флајдубаи“, кој минатата недела го нападна капетанот во наводен обид да го урне авионот, им изјавил на истражителите во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) дека го планирал нападот уште пред да се вработи во таа компанија, тврдат двајца израелски официјални претставници запознаени со текот на истрагата.

Трет извор упатен во истрагата тврди дека копилотот, државјанин на Оман, планирал и порано за време на еден од претходните летови за Тел Авив да го урне авионот, но дека на крајот се откажал од таа идеја, пренесе Ројтерс.

Засега не е јасно зошто ја променил одлуката на тој лет, иако се претпоставува дека познавал некого кој се наоѓал во авионот, наведе изворот.

Двајцата израелски официјални претставници наведуваат дека копилотот им испричал на истражителите дека се пријавил за работа во државната авиокомпанија „Флајдубаи“ од Дубаи откако барал компании кои летаат за Тел Авив.

Копилотот на летот FZ1073 на авиокомпанијата „Флајдубаи“, кој минатата среда полета од Дубаи кон Израел, го нападна пилотот со пилотска секира за итни случаи, соопшти генералниот обвинител на ОАЕ, карактеризирајќи го инцидентот како „терористички напад“. Несреќата беше избегната откако патниците и екипажот го совладаа копилотот.

Пилотот, државјанин на Индија Смит Мачар, го преживеа нападот, а во авионот се наоѓаа повеќе од 170 патници и членови на екипажот, од кои мнозинството беа државјани на Израел.

Израелските власти јавно не го соопштија името на копилотот, но потврдија дека станува збор за лице од Оман. Властите на ОАЕ и авиокомпанијата досега јавно не го објавија идентитетот на копилотот кој се наоѓа во притвор во таа земја. ОАЕ немаат подигнато официјално обвинение против него, а не е познато ниту дали ангажирал правен застапник. Оман не се огласи по повод овој инцидент.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека на пилотите кои се државјани на земји со кои Израел нема дипломатски односи, како што е Оман, не им е дозволено да управуваат со летови за Израел.

Сѐ уште не е јасно како копилотот воопшто бил распореден на летот за Тел Авив, а Нетанјаху во меѓувреме наложи ревизија на правилата за странските авиокомпании кои летаат во Израел.

WSJ: Оман не ја известил авиокомпанијата дека пилотот на „Флајдубаи“ е радикализиран

Властите на Оман не ја известиле авиокомпанијата „Флајдубаи“ за радикалните ставови на пилотот на таа компанија кој го предизвика инцидентот и го принуди екипажот принудно да слета, наведува „Волстрит журнал“ (WSJ) повикувајќи се на неименувани извори.

Додека работел за „Оман Ер“, пилотот-напаѓач бил суспендиран од летачкиот персонал и испратен во програма за дерадикализација.

Според информациите на WSJ, додека пилотот работел за државната компанија „Оман Ер“ од 2022 до 2025 година, оманските власти внимателно го испитувале неговото однесување на социјалните мрежи и заклучиле дека покажал „прекумерна заинтересираност за радикална идеологија“.

Тој потоа бил суспендиран од летачкиот персонал и ставен во програма за дерадикализација, но WSJ наведува дека оманските власти не ја споделиле својата загриженост со јавноста.

„Флајдубаи“ наводно спровел проверка на криминалното минато на пилотот пред да го вработи, но не го контактирал Оман за да добие информации за неговото претходно работно искуство.

Властите на ОАЕ ги истражуваат вработените кои учествувале во процесот на вработување на пилотот, тврди американскиот дневен весник.