ПРВ.мк
Свет

400 УЧИЛИШТА ВО БЛОКАДА: Големи протести и пожари -15 годишно дете остана без рака!

400 УЧИЛИШТА ВО БЛОКАДА: Големи протести и пожари -15 годишно дете остана без рака!

Ученичките протести во Франција продолжуваат и влегуваат во втора недела, при што демонстрациите за подобри услови во образованието се проширија низ стотици училишта во земјата.

Сериозен инцидент бил регистриран во Ленс, каде што 15-годишен ученик останал без рака. Според извор од полициски синдикат, ученикот наводно подигнал шок-граната што претходно била испукана од единиците за разбивање немири, со намера да ја фрли назад, но направата експлодирала додека ја држел.

Протестите започнале во средината на септември, а незадоволството било поттикнато од состојбата во едно училиште во предградие на Париз, каде што имало недостиг на наставен кадар.

Според прелиминарните податоци на француското Министерство за образование, на 5 октомври протестите биле регистрирани во 413 училишта. На повеќе локации, како и во текот на претходната недела, протестите биле проследени со немири и насилни инциденти.

Во една гимназија во Париз утринава неколкупати бил направен обид за подметнување пожар, по што околу 100 ученици морале да бидат евакуирани.

И во Нанси, во источниот дел на Франција, полицијата пријавила случаи на подметнати пожари, како и инциденти со пиротехнички средства и молотови коктели.

Поради протестите во Ремс бил прекинат трамвајскиот сообраќај. Од безбедносни причини, наставата целосно или делумно била прекината во меѓу 400 и 500 училишта низ Франција.

Премиерот најавува промени во училиштата

Францускиот премиер Себастијан Лекорну синоќа побара од министерствата да започнат со конкретни подобрувања во училиштата низ земјата.

Во писмо упатено од премиерот се наведува дека државата од средношколците очекува да ја градат својата иднина, но дека за тоа мора да им бидат обезбедени неопходните услови, независно од нивното социјално потекло, местото на живеење или образовниот пат.

Лекорну ги посочи проблемите со откажувањето на часови, состојбата на училишните објекти, предолгите училишни денови и неизвесноста околу професионалната ориентација. Тој го спомена и широко распространетото чувство кај младите дека нивниот глас не е доволно слушнат.

На почетокот на учебната 2025/26 година, на национално ниво биле регистрирани повеќе од 2.000 непополнети наставнички места.

Според премиерот, овие проблеми ги чувствуваат и голем број вработени во образованието. Тој нагласи дека учениците имаат право нивните оправдани грижи да бидат слушнати, но истовремено оцени дека насилството и злоупотребата на протестите не се прифатливи.

За утре најавени национални протести

Ученичките претставнички организации повикаа на национални протести во вторник. Нивните активности добија поддршка и од неколку големи образовни синдикати, кои преку своите интернет-страници повикаа на учество во протестите, а дел од нив најавија и поддршка за штрајк.

Со тоа, протестното движење би можело да се прошири и надвор од самите ученици и да опфати поширок дел од образовниот систем.

Претходните денови беа одбележани со повеќе сериозни инциденти. Биле нападнати наставници, повредени полицајци, а биле запалени контејнери и возила. Пријавени се и голем број повредени лица.

Немирите предизвикале и значителна материјална штета, а според досегашните проценки, вкупните трошоци достигнуваат повеќе милиони евра.