ПРВ.мк
Свет

ФИЛМСКА ШПИОНСКА ДРАМА ВО АМЕРИКА: ФБИ уапси жена која го следела синот на претседателот - еве што му спремале!

ФИЛМСКА ШПИОНСКА ДРАМА ВО АМЕРИКА: ФБИ уапси жена која го следела синот на претседателот - еве што му спремале!

Американското Федерално биро за истраги (ФБИ) во неделата уапси 34-годишна жена од Калифорнија, која е обвинета за дејствување како нерегистриран агент на Кина и која наводно го шпионирала синот на претседателот на Тајван и неговото семејство, соопштија денеска федералните власти.

Ванјинг Хедер Џанг од Ервајн (Irvine), наводно го шпионирала блискиот роднина на официјален претставник на тајванската влада откако отпатувала во Сиетл во 2025 година, наведува ФБИ, а пренесува Си-Ен-Ен.

Во тужбата обелодонета во саботата се наведува дека кинески официјални лица ѝ наложиле на Џанг да прибере информации и да го фотографира роднината на тајванскиот функционер, кој не е именуван во самата тужба. Сепак, ФБИ во објава на социјалните мрежи посочи дека Џанг ги шпионирала синот на претседателот на Тајван, Лај Чинг-те, и неговото семејство.

Кинеската владејачка Комунистичка партија го смета Тајван за дел од својата територија и веќе долго време ветува дека ќе го обедини островот со кинеското копно.

Си-Ен-Ен истакнува дека претседателот Лај веќе подолго време се наоѓа на мета на Пекинг поради застапувањето за суверенитетот на Тајван, остров со околу 24 милиони жители.

Кинеската влада и државните медиуми редовно го критикуваат нарекувајќи го опасен сепаратист, бунтовник и воен хушкач, додека истовремено ги одбиваат неговите повторени понуди за разговори.

Џанг денеска пред суд

Џанг и лицето кое во документите се наведува како „поединец 1“ одлетале од Лас Вегас за Сиетл на 1 септември 2025 година и заминале до куќата на споменатото лице, наведе специјалниот агент на ФБИ, Кевин Холт, во тужбата.

Снимките од безбедносната камера на еден од соседите покажале дека Џанг и „поединец 1“ чекале пред куќата на неименуваниот роднина во изнајмен црн теренец (СУВ), се наведува во тужбата.

Кога метата и неговото семејство пристигнале дома, Џанг и „поединец 1“ извадиле предмети за кои се чини дека се нивните телефони и ги држеле на начин што укажува дека го фотографирале и/или снимале семејството. Џанг денеска ќе се појави пред федералниот суд во Лос Анџелес на прво сослушување, соопштија надлежните.