ПРВ.мк
Македонија

ПОВЕЌЕ ОД 5.600 ЛИЦА ЗАВРШИЛЕ ВО ПОЛИЦИСКИ РАЦЕ: Во акцијата „Чистач“ запленети дрога, оружје и возила!

ПОВЕЌЕ ОД 5.600 ЛИЦА ЗАВРШИЛЕ ВО ПОЛИЦИСКИ РАЦЕ: Во акцијата „Чистач“ запленети дрога, оружје и возила!

Повеќе од 5.600 лица биле лишени од слобода во рамки на оперативната акција „Чистач“, која Министерството за внатрешни работи ја спроведува од септември 2024 година на целата територија на Македонија.

Акцијата ја реализира Одделот за криминалистичка полиција во координација со Секторите за внатрешни работи и Регионалните центри за гранични работи. Нејзината цел е откривање и сузбивање на насилен криминал, недозволена трговија со наркотични дроги и прекуграничен криминал.

Од почетокот на акцијата до денес, полициските службеници извршиле проверки и утврдиле идентитет на 74.229 лица, додека биле спроведени 158.955 прегледи на лица, возила и багаж.

Во истиот период, 5.628 лица биле лишени од слобода, а полицијата извршила 1.158 претреси на домови и други простории. До надлежните институции биле поднесени и 1.135 кривични пријави.

Од вкупниот број кривични пријави, 88 се однесуваат на дела поврзани со насилен криминал, додека дури 1.047 се поврзани со недозволена трговија со дрога.

Во текот на акцијата биле запленети различни видови наркотични средства, меѓу кои марихуана, кокаин, амфетамин, хероин, хашиш и МДМА таблети.

Покрај дрогата, полициските службеници заплениле и оружје, парични средства, повеќе патнички моторни возила и мобилни телефони.

За дел од осомничените, согласно законските процедури и одлуките на надлежните органи, биле определени мерки притвор, додека во одделни случаи биле изречени и затворски казни.

Како дел од активностите во рамки на „Чистач“, биле пресечени и повеќе меѓународни канали за недозволена трговија со наркотични дроги. Посебен фокус бил ставен на граничните премини Табановце, Деве Баир и Стар Дојран.

Од Министерството за внатрешни работи оценуваат дека спроведените активности придонеле за унапредување на откривачката дејност на полициските службеници во Секторите за внатрешни работи и Регионалните центри за гранични работи.

Оперативната акција „Чистач“ продолжува и во наредниот период. МВР најавува координирани мерки и активности, акциски денови и засилени контроли низ целата држава, со цел навремено откривање, спречување и сузбивање на криминалните активности.