Анализите на примероците од водата во реката Вардар покажуваат присуство на нитрити на влезот во Велес, кај Башино Село, и на излезот од градот, кај Долни Дуќани. Според стручната анализа на велешкиот Центар за јавно здравје (ЦЈЗ), тоа укажува на присуство на старо и ново фекално загадување.
Резултатите од испитувањата ги објави Општина Велес, а примероците биле земени на 17 септември.
На двете мерни места на Вардар низ Велес, водата е категоризирана во трета класа според бактериската контаминираност. Тоа е подобра состојба во споредба со периодот пред околу десет години, кога водата била оценета како петта класа според овој параметар.
Сепак, кај други испитувани показатели се регистрирани значително полоши резултати. Водата е во петта класа според присутната матност и амонијак, додека според присуството на фосфати е во четврта класа.
Присуството на фосфати, според стручната анализа, може да укажува на непречистена канализација и испуштање отпадни води од домаќинства кои користат детергенти со фосфати, но и на отпадни води од фабрики и преработувачки капацитети во кои се користат фосфорни соединенија.
Останатите испитани параметри се во прва и втора класа.
По извршените лабораториски испитувања и стручната анализа, од ЦЈЗ Велес заклучуваат дека водата од Вардар на мерните места кај Башино Село и Долни Дуќани не треба да се користи за капење и рекреација на луѓето.
Испитувањата ги опфатиле и реките Тополка и Бабуна. Кај Тополка, примероци биле земени кај Пашин Мост во Чашка и кај нејзиниот влив во Вардар кај Велес. Кај Бабуна биле земени примероци од градската плажа и од делот низводно од неа.
И кај овие мерни места е утврдено дека водата одговара на трета класа според бактериската контаминација и присутната матност, додека останатите испитани параметри се во прва и втора класа.
Примероците од четирите мерни места биле земени на 17 септември. За разлика од Вардар, кај Тополка и Бабуна не е утврдено присуство на нитрити и фосфати, што според анализата укажува дека нема фекално загадување.
Сепак, поради утврденото бактериско присуство од трета класа, ниту овие две реки не се препорачуваат за капење и рекреативни активности.







