Двајца јутјубери од Австрија неовластено влегле во воениот аеродром „Полковник-пилот Миленко Павловиќ“ во Батајница, а целото движење низ објектот го снимиле и подоцна го објавиле на социјалните мрежи.
Снимката е објавена на каналот „Roofless TV“ и за само неколку дена привлекла повеќе од половина милион прегледи. Случајот отвори прашања за безбедноста на еден од значајните воени објекти во Србија, особено поради тоа што засега нема објаснување како двајцата цивили успеале да влезат во заштитениот простор и да се движат низ него.
Според нивните тврдења, двајцата млади мажи најпрво снимале воени авиони од непосредна близина, но од надворешната страна на комплексот. Потоа успеале да влезат во оградениот дел од воениот аеродром.
На објавените кадри се гледа како се движат во близина на летала кои повеќе не се во употреба, а во одредени моменти влегуваат и во нив. На снимката е забележано и слетување на активен авион.
Особено внимание предизвикува нивното тврдење дека за време на престојот во заштитениот простор не сретнале ниту еден вработен или припадник на военото обезбедување.
Министерството за одбрана на Србија и Министерството за внатрешни работи, според информациите објавени од регионалните медиуми, не одговориле на прашањата дали биле запознаени со случајот и дали двајцата имале каква било дозвола за пристап или снимање во воениот комплекс. Одговор, наводно, не пристигнал ниту од управата на аеродромот.
Случајот предизвика и политички реакции во Белград. Здравко Понош, претседател на партијата Србија центар, оцени дека јутјуберите се движеле низ воената база „како на пазар“.
Понош истакна дека, според неговата оценка, воениот врв и надлежното министерство се обидуваат да го претстават случајот како околност на која не можело да се влијае, со цел инцидентот да не има пошироки политички последици во текот на актуелната кампања на владејачката партија.
Тој предупреди дека молкот на институциите по ваков упад отвора сериозни прашања за подготвеноста и функционирањето на безбедносниот систем во случај на потенцијално посериозни закани.








