Поранешниот професор на Универзитетот во Кембриџ, Џејсон Ардеј, е пронајден мртов во јужен Лондон, само неколку дена откако поднесе оставка по обвинувањата за плагијат.
Службите за итни случаи соопштиле дека вчера попладне биле повикани на адреса во јужниот дел на британската престолнина, каде бил пронајден маж кој не давал знаци на живот.
Ардеј минатата недела се повлече од функцијата професор по социологија на образованието на Кембриџ, откако во јавноста се појавија обвинувања за плагијат и прашања околу дел од неговите академски достигнувања. Тој ги негираше обвинувањата.
Неговото семејство соопшти дека е во шок поради загубата, опишувајќи го како сакан татко, партнер, брат, вујко и син. Во соопштението семејството наведе и дека јавните обвинувања и, како што ги нарече, дезинформациите, силно влијаеле врз него.
Негов пријател, Имон Мек Кристал, за Би-би-си изјавил дека Ардеј во последниот период се чувствувал „скршено“. Според неговото сведоштво, професорот му кажал и дека му била укината дозволата за патување во САД.
Од Универзитетот во Кембриџ изразија сочувство до семејството и пријателите на Ардеј, наведувајќи дека се длабоко потресени од веста за неговата смрт.
Со реакции се огласија и британската министерка за образование Луси Пауел и градоначалникот на Лондон Садик Кан, кој посочи дека Ардеј во последниот период бил изложен на интензивно медиумско внимание.
Засега во доставените информации не е наведена причината за смртта.








