ПРВ.мк
Свет

„Мојсеев мост“ преку Црвеното Море: Саудиска Арабија гради трансконтинентален чудо-проект вреден 4 милијарди долари

„Мојсеев мост“ преку Црвеното Море: Саудиска Арабија гради трансконтинентален чудо-проект вреден 4 милијарди долари

Престолонаследникот на Саудиска Арабија започна со изградба на импресивен мост преку Црвеното Море, проект вреден 4 милијарди долари. Мостот, наречен „Мојсеев мост“, ќе го поврзе Рас Ал Шеик Хамид во Саудиска Арабија со египетскиот Шарм Ел Шеик преку островот Тиран. Иако во 2016 година египетската страна предложи мостот да се нарече „Мост на кралот Салман бин Абдулазиз“, јавноста го усвои симболичното име „Мојсеев мост“, по легендата дека Мојсеј го разделил морето на тоа место.

Мостот ќе биде долг 32 километри и ќе претставува не само физичка врска меѓу двете клучни арапски држави, туку и симбол на стратегиска соработка, архитектонска моќ и политичка визија. Од саудиска страна, мостот ќе придонесе за развојот на футуристичкиот град Неом, вреден 500 милиони долари, кој е замислен како центар на дигитална, енергетска и еколошка револуција во пустината. Од египетската страна, трасата ќе води до нова административна локација, на 45 километри од Каиро.

Овој проект е клучна точка од Визијата 2030, стратегија на Саудиска Арабија за развој на туризмот. Се очекува бројот на саудиски туристи во Египет да се зголеми од 300.000 на над 1,2 милиони годишно, бидејќи патувањето преку мостот ќе трае околу 30 минути. Министерот за туризам на Египет, Камел Ел Верир, истакна дека сè е подготвено за реализација, а мостот ќе стане чудо на светското инженерство, кое трајно ќе ги поврзува бреговите на Црвеното Море и две цивилизации. Проектот ќе овозможи полесно патување, како и нова архитектонска визија за регионот, со присуство на луксуз, технологија и културно наследство.

Идејата за изградба на мостот постои уште од 1988 година, а повторно беше активирана во 2016 година. Според „Бизнис Инсајдер“, алтернативата за овој проект би можела да биде нова рута за аџии и туристи.

Escape