ПРВ.мк
Свет

ОВА СЕ ПРАВИ ПРВ ПАТ ВО ВОЈНА: Oд воздух се пуштаат експлозивни роботи - „Ова е само почеток“

ОВА СЕ ПРАВИ ПРВ ПАТ ВО ВОЈНА: Oд воздух се пуштаат експлозивни роботи - „Ова е само почеток“

Украинска воена единица искористи тешки дрон-бомбардери за спуштање борбени роботи зад руските линии во рамки на тајна операција за која тврди дека помогнала во повторното заземање на повеќе населени места. До ова доаѓа во момент кога експертите се загрижени поради опасностите што ги носи трката кон потполно автономни дронови.

Украинскиот Трет армиски корпус во неделата објави дека во операцијата наречена „Вивалиди“, спроведена во близина на источниот град Лиман, досега под украинска контрола се ставени 125 квадратни километри, вклучително и 50 км² територија ослободена од руска окупација. Многу детали од оваа значајна операција остануваат непознати бидејќи се одвива во „услови на максимална информативна тишина“, како што изјави бригадниот генерал Андриј Билецки, командант на Третиот корпус.

„Први во светот го направивме ова“

Билецки откри една клучна тактика за која оваа единица тврди дека ја применила прва во светот. – Третиот армиски корпус е прв во светот што започна со воздушно распоредување на копнени роботски системи – изјави тој на видеото што го сподели оваа единица, додавајќи дека „нашите тешки дронови-бомбардери испорачуваат копнени дронови-камикази на повеќе од 10 километри во позадината на непријателот“.

Украина сè повеќе користи и воздушни дронови и копнени роботи во борбата, користејќи ги за извидување и за напади врз подрачја кои се сметаат за премногу опасни за пешадијата.

Роботите станаа клучен дел од офанзивата

Билецки истакна дека за време на јуришните операции дроновите и беспилотните копнени возила „секогаш се движат пред пешадијата“, помагајќи да се исчисти патот за трупите што доаѓаат зад нив. Корпусот додаде дека нивните роботи станале клучен дел од офанзивата, извршувајќи преку 15.700 успешни мисии и испорачувајќи околу 3.300 тони товар.

Единицата наведе дека за време на операцијата – која сè уште е во тек – нивната артилерија и беспилотни системи погодиле руски командни места, комуникациски јазли, логистика, речни премини и резерви. Се наведува дека украинската ПВО и единиците за електронско војување создале „штит“ над зоната на борбените дејства, што ги „ослепило“ руските сили и ги спречило да го откријат планот на операцијата.

Што е направено за време на операцијата „Вивалди“?

Според Билецки, Украина ја повратила потполната контрола над Дробишево и ослободила уште две населени места, Шандрихолове и Дерилове. Видеото што го сподели Третиот армиски корпус прикажува војници како го подигаат украинското знаме на повеќе локации.

Единицата тврди дека загубите на Русија за време на оваа операција надминале 3.000 луѓе и дека му е „нанесен тежок удар“ на офанзивниот потенцијал на три големи руски формации.

„Ова не е крај на операцијата, постојат четири годишни времиња“

Единицата истакна дека нивното соопштение не означува крај на операцијата, која продолжува и зема замав. – Нашата операција се вика 'Вивалди', а Вивалди, како што е добро познато, има четири годишни времиња. Ова е тек првото од нив – изјави Билецки, алудирајќи на познатата композиција на Антонио Вивалди „Четири годишни времиња“.

Опасна трка кон потполно автономни дронови

Паралелно со ова, воените стручњаци предупредуваат дека бојното поле сè повеќе се поместува кон сценарио во кое доминираат потполно автономни дронови, способни самостојно да избираат и да напаѓаат цели без човечка интервенција.

Како што конфликтот напредува, двете страни додаваат автономни функции на постојните дронови и развиваат нови модели кои користат вештачка интелигенција (АИ) за препознавање цели, navigacija и самостојно насочување. Главната загриженост на експертите за вооружување е дека брзиот развој на технологијата може целосно да го истисне човечкото одлучување при изборот на метите и да го зголеми ризикот за цивилното население.

Следниот уште поопасен чекор се т.н. „роеви дронови“ кои можат да ловат во групи од неколку до неколку илјади летала и автономно да го менуваат своето однесување врз основа на меѓусебна комуникација.