Жителите на скопската населба Капиштец повторно реагираат поради употребата на пиротехнички средства, откако синоќа бил пријавен пожар во паркот „Капиштец“.
Според објава на Фејсбук-страницата „За пристоен Капиштец“, пожарот бил предизвикан по активирање петарди во паркот. Во објавата се наведува дека пиротехничките средства во населбата се користат речиси секојдневно, а најчесто ги користат малолетници и помлади лица.
Жителите посочуваат дека ваквите ситуации не се новост и дека поради употребата на пиротехнички средства повеќепати досега се обратиле до полицијата.
Од „За пристоен Капиштец“ апелираат на поголема внимателност и бараат да се преземат соодветни мерки за да се спречат нови инциденти и можни последици во населбата.







