ПРВ.мк
Свет

ГОЛЕМА ПРОМЕНА ОД 1 НОЕМВРИ: Црна Гора воведува визи за граѓаните на три држави

ГОЛЕМА ПРОМЕНА ОД 1 НОЕМВРИ: Црна Гора воведува визи за граѓаните на три држави

Од 1 ноември 2026 година, Црна Гора ќе воведе визен режим за државјаните на Русија, Белорусија и Турција. Промената е дел од процесот на усогласување на црногорската визна политика со правилата на Европската Унија.

Владата на Црна Гора ја усвои информацијата за потребата од раскинување на договорите со кои досега беше регулиран безвизниот режим со овие три држави. Претходно, на 23 јули, беше усвоена и измена на Уредбата за визниот режим, со која е предвидено новите правила да почнат да важат од 1 ноември.

Тоа значи дека од овој датум граѓаните на Русија, Белорусија и Турција ќе треба да поседуваат виза за влез, транзит или престој во Црна Гора.

Од црногорската Влада објаснуваат дека промената е поврзана со обврските што земјата ги има во рамките на пристапниот процес кон ЕУ и потребата од целосно усогласување со европската визна политика.

За Турција е предвидена и дополнителна постапка. Црна Гора планира да склучи нов билатерален договор со кој би се регулирал безвизниот режим за носителите на дипломатски, службени и специјални пасоши, во согласност со европското законодавство.