ПРВ.мк
Свет

ОД БЕГАЛЕЦ ДО ФИЛМСКА ЅВЕЗДА, А СЕГА И ВО ЗАТВОР: Уапсен мозокот зад диверзијата на „Северен тек“ — го предаде сопствениот трилер!

ОД БЕГАЛЕЦ ДО ФИЛМСКА ЅВЕЗДА, А СЕГА И ВО ЗАТВОР: Уапсен мозокот зад диверзијата на „Северен тек“ — го предаде сопствениот трилер!

Во Пула е уапсен украинскиот државјанин Володимир Журављов, нуркач кого германските истражители го сомничат дека учествувал во минирањето на гасоводите Северен тек 1 и 2 во септември 2022 година. Тој беше уапсен во средата врз основа на европски налог за апсење што германското Сојузно државно обвинителство го прибави пред Сојузниот суд, пишува германскиот правен портал ЛТО, откривајќи ги причините за неговиот престој во Хрватска.

Особено се интересни околностите на неговото апсење. Според информациите на ЛТО, Журављов, во јавноста познат и како Володимир Ж., во Хрватска се наоѓал поради снимање филм кој е инспириран токму од нападот за кој го сомничат германските истражители.

Станува збор за политичкиот трилер „Snake Island“ (Змиски Остров), кој од почетокот на август се снима во Хрватска, а во него глумат Шон Пен и Адриен Броди. Филмот го режира Даг Лиман, познат по филмот „Борновиот идентитет“.

По снимањето во Загреб, филмската екипа се преселила на хрватското крајбрежје, а последните денови се снимало во Пула. Филмот следи таен тим украински нуркачи кој тргнува во опасна подводна мисија во време на растечки тензии меѓу Русија и Украина.

Го сомничат дека лично нуркал до гасоводот

Германското Сојузно државно обвинителство тврди дека Журављов бил член на шестчлена група поврзана со Серхиј К., кого го сметаат за наводен водач на операцијата. Групата, според сомнежите на истражителите, во септември 2022 година во близина на данскиот остров Борнхолм поставила експлозив на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2.

Журављов, тврдат истражителите, лично учествувал во нуркањата.

Групата наводно користела едрилица со која од Росток стигнала до местото каде што минуваат подводните гасоводи. Едрилицата претходно била изнајмена од германска фирма преку посредници кои користеле лажни документи.

Експлозивните направи детонирале на 26 септември 2022 година на длабочина од околу 80 метри, при што тешко беа оштетени двата гасоводи. Журављов претходно јавно негираше дека учествувал во операцијата.

На Германците им побегнал двапати

Апсењето во Хрватска всушност е трет обид на германските власти да го приведат.

Првиот пат се обидоа да го уапсат во Полска во летото 2024 година, каде што тогаш живееше. Но, пред да биде уапсен, тој побегна во Украина. „Шпигел“ тогаш објави дека ја минал границата во автомобил на украинскиот воен аташе во Варшава.

Нова можност се појави во есента 2025 година, кога Журављов наводно повторно се вратил во околината на Варшава. Полската полиција тогаш успеа да го уапси, но до екстрадиција во Германија не дојде.

Апсењето во Пула сега е спроведено врз основа на европскиот налог за апсење од 2024 година. Германските истражители го товарат за заедничко предизвикување експлозија, противуставна саботажа и уништување градби.

Журављов по екстрадицијата од Хрватска треба да биде изведен пред истражен судија на германскиот Сојузен суд.

Неговиот наводен водач, Серхиј К., исто така беше уапсен за време на престој на крајбрежје. Него во 2025 година го пронајдоа во близина на италијанскиот град Римини, по што беше екстрадиран во Германија и обвинет пред судот во Хамбург.

Кој точно го наредил минирањето на Северен тек сè уште не е утврдено. Германскиот Сојузен суд кон крајот на минатата година, сепак, наведе дека постојат сериозни причини за сомнеж дека операцијата била државно иницирана и водена.