ПРВ.мк
Свет

ОБЈАВЕНИ НОВИ ДОСИЕА ЗА НЛО: Снимки од мистериозни објекти во вселената и аудио-записи од екипажот на „Аполо 12“

ОБЈАВЕНИ НОВИ ДОСИЕА ЗА НЛО: Снимки од мистериозни објекти во вселената и аудио-записи од екипажот на „Аполо 12“

Американската администрација објави нова серија досиеја за неидентификувани летечки објекти (НЛО), вклучувајќи нови фотографии, документи и долгоочекувани 46 видеоснимки кои претходно беа побарани од страна на пратениците во Конгресот. Досиејата беа поставени на официјалната веб-страница на Министерството за одбрана на САД, а меѓу нив се наоѓаат и аудио-записи од екипажот на мисијата „Аполо 12“, кој пријавил мистериозни објекти додека престојувал во вселената.

Новообјавените документи содржат детални извештаи за неколку специфични случаи:

  • Портокалови светлечки кугли кои кружеле околу воен хеликоптер.
  • Мистериозни „ватрени топки“ во Ново Мексико, кои довеле до воздушни истраги и потрага по непознати честички.
  • Разузнавачки документи кои опишуваат неидентификувани воздушни појави во близина на советски полигон за тестирање оружје.

Што се гледа на објавените видеоснимки?

Колекцијата од 46 воени снимки на неидентификувани аномални појави (UAP) го прикажува следново:

  • НЛО во специфична форма на „Тик-Так“ бонбона кој бил следен од страна на американската крајбрежна стража.
  • Светлечки сфери кои со голема брзина се движат низ облаците над Авганистан.
  • Неидентификувани подводни објекти кои изнурнуваат од океанот.
  • Повеќе брзи UAP објекти кои пресретнуваат воени авиони над Персискиот Залив, Источното Кинеско Море и во ограничен американски воздушен простор.

Во еден од најинтригантните записи се споменува случајот од февруари 2023 година, кога американски борбен авион F-16 наводно соборил UAP објект над езерото Хурон со помош на ракета „AIM-9X“. Други документи опишуваат објекти во форма на кугла кои се појавувале во близина на воени авиони за време на операциите на Блискиот Исток, необични формации кои маневрираат над Иран, објекти во форма на цигара, како и сферични летелици со неправилно движење.