ПРВ.мк
Свет

ЕУ УДРИ ПО „ДИВИТЕ“ АПАРТМАНИ: Букинг и Ер-би-ен-би под строга контрола, Македонија губи милиони од сивата економија!

ЕУ УДРИ ПО „ДИВИТЕ“ АПАРТМАНИ: Букинг и Ер-би-ен-би под строга контрола, Македонија губи милиони од сивата економија!

Европската Унија официјално почна со примена на нови строги правила за краткорочно издавање сместувања преку дигитални платформи, со што сервисите како Booking.com и Airbnb ќе мора да работат под многу построг надзор.

Новата регулатива, која веќе се оценува како голем пресврт во европскиот туризам, има за цел да стави крај на нерегистрираното издавање апартмани, избегнувањето плаќање туристички такси и сивата економија што со години расте паралелно со експанзијата на онлајн платформите.

Според новите правила, сите дигитални платформи ќе мора редовно да доставуваат детални извештаи до државните институции за резервациите, бројот на ноќевања, трансакциите и активностите на домаќините.

Дополнително, секоја земја членка на ЕУ ќе треба да воспостави единствен дигитален систем за регистрација на приватните сместувачки капацитети, а платформите ќе бидат должни да проверуваат дали објектите имаат валиден регистрациски број.

Огласите што нема да ги исполнуваат условите ќе можат да бидат избришани, а властите ќе имаат право да суспендираат или повлечат регистрации доколку се утврди нелегално работење.

Македонските туристички експерти оценуваат дека оваа регулатива ќе има големо влијание и врз домашниот туристички сектор, особено во борбата против сивата економија.

Според анализите на туристичкиот експерт Љупчо Јаневски, Македонија во моментов не контролира туристички промет вреден меѓу 120 и 150 милиони долари, кој најчесто се реализира преку нерегистрирани апартмани и онлајн платформи.

Тој посочува дека со години недостига целосна дигитализација на туристичкиот сектор и дека воведувањето систем како „е-туризам“ станува неопходно.

Јаневски предупредува дека дури 45 до 50 проценти од плаќањата во туризмот во Македонија се одвиваат во сивата зона, што значи огромни загуби за државата преку неплатени даноци и туристички такси.

Според него, воспоставувањето туристичка инспекција, туристичка полиција и национална туристичка организација би помогнало во намалување на нелојалната конкуренција и подобра контрола врз приватното сместување.

Сличен став има и Крсте Блажевски од HOTAM, кој смета дека новите европски правила конечно ќе воведат ред во секторот.

Тој нагласува дека досега голем дел од приватните издавачи не пријавувале гости, не плаќале туристички такси и не постоела доволна контрола за тоа кој престојува во објектите.

Новите мерки, според него, ќе донесат поголема безбедност и за граѓаните што живеат во зградите каде што се издаваат станови и апартмани.

Европската комисија ја предложила оваа регулатива уште во 2022 година, откако многу европски градови предупредиле дека масовното краткорочно издавање преку онлајн платформи влијае врз растот на цените на домувањето, создава притисок врз инфраструктурата и отвора простор за непријавен туристички промет.

Најнови вести