Вулканот Етна на италијанскиот остров Сицилија денес повторно силно еруптираше, исфрлајќи огромни количини пепел и чад високо во атмосферата, поради што дел од воздушниот сообраќај во регионот беше привремено запрен.

Ерупцијата започнала во утринските часови, а густите облаци од вулканска пепел биле видливи од десетици километри. На социјалните мрежи се појавија бројни снимки од локални жители и туристи кои го забележале спектакуларниот природен феномен од плажите и околните населени места.
Според италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија, првите емисии на пепел биле регистрирани околу 7:45 часот по локално време, додека интензитетот на ерупцијата значително се зголемил во следниот час.

Поради намалената видливост и присуството на вулканска пепел во воздушниот простор, меѓународниот аеродром „Винченцо Белини“ во Катанија привремено ги суспендирал сите слетувања.
И покрај силната вулканска активност, италијанските власти засега не издале наредба за евакуација на населението. Состојбата внимателно ја следат научниците и службите за цивилна заштита, кои остануваат во постојана готовност.








