Голем шумски пожар избувна во јужниот дел на Франција, при што се повредени едно лице и еден пожарникар, а огнената стихија досега уништила околу 1.650 хектари површина.
Според француските власти, пожарот се проширил во источниот дел на Пиринеите, каде што силниот ветер, високите температури и сувиот терен значително го отежнуваат неговото локализирање.
Локалните власти соопштија дека пожарот има долг огнен фронт, поради што на терен се распоредени големи копнени и воздушни сили. Главната цел е да се спречи натамошното ширење на пламените јазици во тешко пристапните и суви подрачја.
Во акцијата за гаснење учествуваат околу 700 пожарникари, 200 противпожарни возила и девет авиони специјализирани за борба со шумски пожари.
Пожарот доаѓа во период кога Франција повторно се подготвува за нов топлотен бран, при што метеоролозите најавуваат температури што на одредени места ќе достигнат и до 40 степени Целзиусови, што дополнително го зголемува ризикот од нови пожари.








