Натпреварот меѓу Англија и Мексико вечерва ќе се одигра на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити, кој се наоѓа на надморска височина од околу 2.240 метри. Токму поради специфичните услови се појавија информации дека англиските фудбалери би можеле да користат силденафил – активната состојка во лекот Вијагра.
Иако најчесто се поврзува со третман на еректилна дисфункција, силденафилот има и медицинска примена при одредени форми на пулмонална хипертензија. Неговото дејство ги проширува крвните садови, вклучително и оние во белите дробови, што може да помогне организмот полесно да се справи со намаленото количество кислород на голема надморска височина.
Според антидопинг правилата, употребата на силденафил не е забранета, па доколку медицинскиот тим процени дека има потреба, англиските репрезентативци можат легално да го користат.
Засега нема официјална потврда дека фудбалерите на Англија навистина ќе земаат силденафил пред натпреварот, но темата повторно привлече внимание бидејќи играњето на голема надморска височина претставува сериозен физички предизвик за спортистите кои не се навикнати на такви услови.








