Новак Ѓоковиќ продолжува со одличните настапи на Вимблдон, откако со победа од 3:1 во сетови над Роман Сафиулин обезбеди место во четвртфиналето на најпрестижниот тениски турнир.
Српскиот тенисер славеше по три часа и 24 минути игра со 7:6 (8:6), 6:3, 3:6 и 6:3, запишувајќи ја четвртата победа во исто толку меѓусебни дуели против рускиот тенисер.
Со овој триумф, Ѓоковиќ испиша нова страница во историјата на Вимблдон, станувајќи тенисерот со најмногу пласмани во четвртфиналето на турнирот, со што го надмина легендарниот Роџер Федерер.
Натпреварот понуди голема неизвесност, особено во првиот сет, каде Ѓоковиќ успеа да се врати по негатива, да спаси сет-топки и по драматичен тај-брејк да поведе. Вториот сет го доби со сигурна игра, додека Сафиулин возврати во третиот и го продолжи мечот.
Сепак, во четвртиот сет искуството на српскиот ас дојде до израз. Со рано направен брејк ја презеде контролата и без поголеми проблеми го приведе мечот кон крај за нов пласман меѓу најдобрите осум на турнирот.
Во борбата за место во полуфиналето, Ѓоковиќ ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Феликс Оже-Алијасим и Алехандро Давидович Фокина.








