Премиерот Христијан Мицкоски најави дека од утре се очекува ново зголемување на цените на горивата, како последица на растот на цената на суровата нафта на светските берзи.
Според неговите проценки, дизел горивото би можело да поскапи за околу 2 до 2,5 денари по литар, додека бензините се очекува да имаат зголемување од приближно еден денар. Конечната одлука, како што посочи, ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.
Мицкоски објасни дека корекцијата на цените е резултат на глобалните движења на пазарот, при што цената на суровата нафта во изминатите денови пораснала за околу пет до шест проценти, а поскапување е забележано и кај бензините на светските берзи.
И покрај најавеното зголемување, премиерот порача дека Македонија и понатаму има едни од најниските цени на горивата во регионот и дека Владата внимателно ги следи состојбите на енергетскиот пазар.
Официјалните нови цени на горивата ќе бидат објавени од Регулаторната комисија за енергетика.









