ПРВ.мк
Црна Хроника

Црн биланс за само едно деноноќие: Полицијата регистрираше девет случаи на семејно насилство низ Македонија

Црн биланс за само едно деноноќие: Полицијата регистрираше девет случаи на семејно насилство низ Македонија

Министерството за внатрешни работи во текот на изминатите 24 часа евидентирало девет случаи на семејно насилство на повеќе локации низ државата, при што во пет случаи осомничените биле лишени од слобода.

Во Куманово е приведен 32-годишен маж под сомнение дека физички ја нападнал својата мајка. Во Тетово, пак, 62-годишен маж бил уапсен откако неговите двајца синови пријавиле дека под дејство на алкохол физички ги нападнал и им се заканувал со остар предмет.

Во општина Чашка, 28-годишник бил лишен од слобода поради сомнение дека физички ја нападнал својата вонбрачна партнерка, при што употребил тврд предмет, а полицијата утврдила дека бил под дејство на алкохол.

Во Велес бил приведен 24-годишен маж кој, според пријавата, ѝ се заканувал на својата поранешна партнерка и физички нападнал друго лице во угостителски објект. Во уште еден случај во истиот град, полициски службеници извршиле службен разговор со три лица по пријава за физички напад меѓу членови на едно семејство.

Во Скопје, 41-годишна жена пријавила дека била физички нападната од својот сопруг, додека 21-годишна девојка пријавила дека добивала закани од својот партнер.

Во Штип е приведен 39-годишен маж поради закани кон поранешната сопруга и прекршување на судска мерка за заштита од семејно насилство.

Дополнително, во Пехчево, 46-годишна жена пријавила дека била физички нападната од својот сопруг пред угостителски објект.

Од МВР информираат дека за сите пријавени случаи се преземаат мерки, а по нивното целосно документирање ќе следуваат соодветни поднесоци против осомничените.