ПРВ.мк
Свет

Драма над Чикаго: Авион со 58 лица погоден од огномет при слетување, пилотот пријавил силна експлозија

Драма над Чикаго: Авион со 58 лица погоден од огномет при слетување, пилотот пријавил силна експлозија

Вистинска драма се одвивала над Чикаго кога авион на „Делта ерлајнс“, со 52 патници и шест члена на екипажот, бил погоден од огномет додека се подготвувал за слетување на меѓународниот аеродром „Мидвеј“.

Од авиокомпанијата потврдија дека летот од Атланта безбедно слетал и пристигнал до терминалот, а во инцидентот нема повредени. Случајот веднаш бил пријавен до надлежните воздухопловни власти.

Според аудио-снимка од комуникацијата со контролата на летање, пилотот пријавил дека авионот бил погоден на височина од околу 60 метри. Екипажот почувствувал силна експлозија и првично претпоставил дека станува збор за пиротехничко средство кое експлодирало под леталото.

Пред слетувањето, контролорите ги предупредиле пилотите дека во близина на приодот кон аеродромот од околните населби се испукуваат голем број огномети. По деталниот технички преглед било утврдено дека авионот нема никакви оштетувања.

Инцидентот се случил за време на прославите по повод 250-годишнината од независноста на САД, кога низ земјата традиционално се организираат бројни огномети. Федералната администрација за воздухопловство најави дека ќе ги испита сите околности поврзани со овој необичен случај.