ПРВ.мк
Свет

МИСТЕРИЈА ВО ЗАТВОР: 37 затвореници починаа во преполна ќелија!

МИСТЕРИЈА ВО ЗАТВОР: 37 затвореници починаа во преполна ќелија!

Тројца преживеани затвореници тврдат дека во преполна ќелија во Мина, Нигерија, била фрлена непозната супстанца, по што 37 лица ги загубиле животите. Според нивните сведоштва, вратата на ќелијата останала заклучена и покрај повиците за помош.

Според информациите што ги објави Ројтерс, меѓу починатите имало и голем број тинејџери кои работеле во мали рудници за злато. Тие биле приведени во рамки на акција на Нигерискиот корпус за безбедност и цивилна одбрана (NSCDC), насочена против лица осомничени за нелегално ископување.

Случајот веднаш предизвика реакција од највисоките власти. Нигерискиот претседател Бола Ахмед Тинубу наредил истрага за смртта на затворениците, а претходно владата суспендирала и дел од високите функционери на NSCDC.

Министерот за внатрешни работи, Олубунми Тунџи-Оџо, формирал десетчлена комисија која треба целосно да ги испита околностите под кои дошло до смртта на затворениците.

„Ви ја должиме вистината. Оваа комисија ќе ви ја каже вистината. Ниеден функционер, без разлика колку е висок, ниедна личност нема да биде поштедена ако се утврди дека е одговорен“, порача министерот.

Иако нигериските власти им ги покажале телата на починатите на медиумите, Ројтерс наведува дека не успеал независно да ја потврди точната причина за смртта.

Од NSCDC првично изнеле можност дека станува збор за епидемија на одредена болест. Подоцна, сепак, претставници на организацијата соопштиле дека причината за смртта сè уште не е утврдена.

Поголемиот дел од починатите веќе биле погребани во согласност со исламската традиција. Во меѓувреме, шест тела останале во мртовечницата на Општата болница во државата Нигер.

Случајот предизвикал и протести и судири, при што едно лице го загубило животот. По немирите, надлежните вовеле 24-часовен полициски час, пренесува Танјуг.