итно предупредување
Француските здравствени власти издадоа предупредување откако било откриено дека во изминатите месеци преку интернет биле продадени повеќе од 40.000 неисправни кондоми.
Надлежните ги повикаа лицата кои ги користеле спорните производи да размислат за тестирање за сексуално преносливи инфекции, бидејќи неисправностите можеле да ја намалат заштитата и да создадат ризик и од несакана бременост.
Истрагата открила околу 30 различни видови кондоми кои ја немале задолжителната европска CE ознака и не поминале независни проверки за усогласеност со безбедносните стандарди.
Најголемиот дел биле продавани преку интернет од азиски добавувачи. Француските власти побарале спорните огласи веднаш да бидат отстранети, а досега биле повлечени 36 понуди.
Но проблемот не останал само на интернет.
При дополнителни проверки биле откриени и два неисправни производи со CE ознака, кои се продавале во продавници и аптеки. Кај едниот бил утврден ризик од пукање, а кај другиот можност за перфорација.
Како последица на тоа, во мај и август од францускиот пазар биле повлечени околу 260.000 кондоми.
Случајот доаѓа по поширока европска акција во која во јули биле откриени повеќе од 200.000 фалсификувани кондоми со лого на познат бренд. Спорните производи потекнувале од Кина, а биле откриени во Шпанија, Романија и Србија.
Предупредувањето добива дополнителна тежина поради растот на сексуално преносливите инфекции во Европа. Според податоците наведени во извештајот, во 2023 година биле регистрирани речиси 100.000 потврдени случаи на гонореја – значително повеќе во споредба со претходните години.









