ПРВ.мк
Свет

Италија на удар на страшно невреме: 350 евакуирани, торнадо поминало низ населени места (ФОТО)

Италија на удар на страшно невреме: 350 евакуирани, торнадо поминало низ населени места (ФОТО)

Силно невреме погоди повеќе делови од Италија, носејќи поројни дождови, торнада, огромен број молњи, поплави и свлечишта. Најтешко е погодена Ломбардија, каде што властите прогласија вонредна состојба, а стотици жители мораа да ги напуштат своите домови.

Според информациите на АНСА, невремето ги зафатило и Тоскана, Пиемонт, Лигурија, Венето и Емилија-Ромања. На одредени места водата и калта ги блокирале патиштата, а дел од населените места останале отсечени.

Во Ломбардија биле евакуирани околу 350 лица. Само во провинцијата Бергамо своите домови ги напуштиле околу 250 жители, додека евакуации биле спроведени и во Бреша и Вионе.

Драматични сцени имало и во Фиренца. Силниот ветер откорнал ќерамиди од покрив, при што била повредена 75-годишна туристка. Според првичните информации, нејзината состојба е стабилна.

Особено бурно било и во Пиемонт, каде што поминало торнадо. Пожарникарите имале дури 260 интервенции, а меѓу најпогодените места бил Чивасо, во близина на Торино.

Таму силното невреме предизвикало материјална штета, а во еден од инцидентите ѕид се урнал врз неколку паркирани автомобили.

Италијанските служби остануваат на терен додека се проценуваат последиците од невремето и штетите во најпогодените региони.