Големи нереди го одбележаа натпреварот од Купот на Германија меѓу Валдхоф Манхајм и Кајзерслаутерн, по кој билансот е десетици повредени и неколку приведени навивачи.
Според информациите од германската полиција, 35 полицајци биле повредени, додека вкупно 85 лица побарале медицинска помош. Осуммина морале да бидат пренесени во болница.
На стадионот „Карл-Бенц“ во Манхајм имало околу 23.500 гледачи, меѓу кои приближно 3.500 гостински навивачи.
Тензијата била присутна во текот на целиот натпревар, а на трибините постојано била активирана пиротехника. Ситуацијата целосно ескалирала пред крајот на мечот.
По конфликт меѓу фудбалерите на теренот, дел од навивачите на Кајзерслаутерн испукале пиротехнички средства кон просторот со гледачи. Потоа навивачи на Манхајм влегле на теренот, по што морала да интервенира полицијата.
Дополнителен проблем предизвикал пожар во гостинскиот сектор, кој бил изгаснат од пожарникарите. Натпреварот бил привремено прекинат, а по смирувањето на ситуацијата продолжил.
Полицијата отвори истрага за повеќе можни прекршоци и кривични дела, меѓу кои напади врз полицајци, нарушување на јавниот ред, оштетување имот и прекршување на прописите за експлозивни средства.
На теренот, Кајзерслаутерн победи со 1-0, со погодок во последната минута од продолженијата, и обезбеди пласман во следната рунда од Купот.








