ПРВ.мк
Македонија

Три забрани за возење и останувате без возачка: Ова се новите предлог правила поврзани со „Безбеден град“

Три забрани за возење и останувате без возачка: Ова се новите предлог правила поврзани со „Безбеден град“

Системот „Безбеден град“ не носи само автоматско регистрирање на сообраќајните прекршоци, туку и значително построги правила за возачите. Законските измени предвидуваат санкции што во одредени случаи можат да завршат со одземање на возачката дозвола, а кај потешки дела и со одземање на возилото.

Една од најважните одредби е правилото за три забрани. Возач кој трипати во период од четири години ќе добие правосилна забрана за управување со возило од иста категорија, ќе остане без возачката дозвола.

Одлуката ја носи судот, по што се доставува до МВР. Возачот ќе биде известен преку СМС или електронска пошта дека дозволата престанува да важи во рок од осум дена. Повторно полагање нема да биде возможно најмалку една година.

Самата забрана за управување со возило може да трае од еден месец до една година.

Системот предвидува прекршителите да добиваат СМС и имејл со записник и фотографија од прекршокот. Доколку глобата биде платена во првите осум дена, се плаќа половина од износот, а возачот има право и на судска заштита.

Нова обврска има и за сопствениците на автомобили. При промена на телефонскиот број или електронската адреса, податоците треба да бидат ажурирани во станица за технички преглед во рок од три дена. За непочитување е предвидена глоба од 100 евра.

Правилата предвидуваат и толеранција при мерењето на брзината, односно од измерената брзина задолжително да се одземе маргината на грешка на мерниот уред.

Построг третман се предвидува за најопасните однесувања во сообраќајот. Предложените измени во Кривичниот законик опфаќаат возење со повеќе од 1,5 промили алкохол, возење под дејство на дроги, движење во спротивна насока, екстремно пречекорување на брзината и учество во недозволени автомобилски трки.

За одредени тешки кривични дела судот би можел да го одземе и автомобилот, доколку се исполнети законските услови.

Со новите правила, „Безбеден град“ практично воспоставува систем во кој повторувањето на сериозни прекршоци може да има многу потешки последици од обична парична казна.