ПРВ.мк
Свет

Аларм поради Западен Нил: Вирусот се шири низ Европа

Аларм поради Западен Нил: Вирусот се шири низ Европа

Вирусот Западен Нил се шири низ Европа, а бројот на земји и региони во кои годинава се регистрирани локално пренесени инфекции е поголем во споредба со истиот период минатата година.

Според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), случаи се регистрирани во повеќе европски држави, меѓу кои Италија, Грција, Германија, Франција, Австрија, Шпанија, Холандија, Романија, Србија и Македонија.

Најголем број заразени досега има во Италија – 311 случаи, додека во Грција се регистрирани 157.

Вирусот годинава е присутен во вкупно 99 европски региони, а во 21 од нив е регистриран за првпат. За споредба, во истиот период минатата година инфекции биле пријавени во 67 региони во девет европски земји.

Западен Нил најчесто се пренесува преку заразени комарци, а периодот со најголем ризик во Европа е во летните месеци, особено од јули до септември.

Кај најголемиот дел од заразените инфекцијата минува без симптоми или со полесни тегоби. Кај дел од пациентите може да се појават симптоми слични на грип и треска, додека во ретки и потешки случаи вирусот може да го зафати нервниот систем и да предизвика сериозни компликации, вклучително и менингитис.

Особено внимание привлекуваат и податоците за Македонија. Според објавените информации, годинава во земјава се потврдени 43 случаи на западнонилска треска, а четири лица починале.

ECDC ги повика европските држави да ја засилат контролата на комарците, следењето на нивната распространетост и информирањето на населението, особено во периодот кога преносот на вирусот е најинтензивен.