ПРВ.мк
Свет

Кокаин од Балканот завршувал во Салцбург: На обвинителна клупа Македонец и Босанец

Кокаин од Балканот завршувал во Салцбург: На обвинителна клупа Македонец и Босанец

Пред судот во Салцбург започна судењето на двајца 46-годишни мажи, државјани на Северна Македонија и Босна и Херцеговина, кои се обвинети за шверц на вкупно седум килограми кокаин од Балканот во Австрија.

Според обвинението, двајцата во периодот од пролетта 2024 до 2026 година во повеќе наврати пренесувале кокаин наменет за нарко-пазарот во Салцбург. На првото рочиште двајцата ги отфрлиле главните обвиненија за шверц.

Македонецот признава продажба, но не и количините

Првообвинетиот, 46-годишен македонски државјанин кој околу десет години живее во Австрија, признал дека поседувал и продавал дрога.

Сепак, тој тврди дека количините биле значително помали од оние што ги наведува обвинителството.

При претрес на неговиот дом, полицијата запленила околу 800 грама кокаин.

За време на судењето било посочено и дека Македонецот, и покрај долгогодишниот престој во Австрија, слабо зборува германски. Судијката го коментирала тоа со забелешка дека „барем во притвор ќе има можност да научи германски“.

Босанецот тврди дека бил само корисник

Второобвинетиот, автомеханичар со потекло од Босна и Херцеговина, целосно ги негира обвиненијата за шверц и препродажба на кокаин. Според неговата верзија, тој бил само корисник на дрога.

Но, покрај случајот со кокаинот, против него се води постапка и за сериозни финансиски малверзации поврзани со периодот кога поседувал автомеханичарска фирма.

Обвинителството го товари дека со издавање лажни сметки оштетил друга компанија за околу 400.000 евра.

Дополнително, се сомничи дека околу 600.000 евра од фирмената сметка ги префрлил за приватни потреби, со што наводно ги оштетил доверителите.

Неговата одбрана ги оспорува овие тврдења и наведува дека иако ја користел сметката, обвинетиот не остварил лична финансиска корист.

Судскиот процес во Салцбург продолжува.