ПРВ.мк
Свет

АМЕРИКА ПОД УДАР НА МОЌНА БУРА: Илјадници без струја, поплави и масовни проблеми во авиосообраќајот (ВИДЕО)

АМЕРИКА ПОД УДАР НА МОЌНА БУРА: Илјадници без струја, поплави и масовни проблеми во авиосообраќајот (ВИДЕО)

Силна бура го погоди североисточниот дел на САД, предизвикувајќи поплави, прекини во снабдувањето со електрична енергија, евакуации и сериозни проблеми во авиосообраќајот.

Според податоците објавени во саботата вечерта, повеќе од 73.000 домови и деловни објекти во Конектикат, Њујорк, Масачусетс, Њу Џерси, Род Ајленд и Пенсилванија останале без електрична енергија. Претходно во текот на денот бројот на прекини само во четири од погодените држави надминал 100.000.

Особено тешка била состојбата во Њу Џерси, каде што биле регистрирани поплави од округот Берген на север до Кејп Меј на југ. На дел од крајбрежјето биле организирани и доброволни евакуации.

Невремето сериозно го нарушило и авиосообраќајот. Според податоците наведени во извештаите, до саботата вечерта на американските аеродроми биле откажани 445 летови, а повеќе од 3.000 доцнеле.

Последици имало и врз јавните настани – концертот на AC/DC на стадионот „МетЛајф“ во Ист Радерфорд, кој требало да се одржи во петокот, бил одложен за 2 октомври.

Американската Национална метеоролошка служба предупреди дека бурата носи опасност од крајбрежни поплави, силни ветрови, високи бранови и обилни врнежи во Средноатлантскиот регион и Нова Англија, а неповолните временски услови се очекува да продолжат до понеделник.

Во Њујорк и Њу Џерси била прогласена вонредна состојба во областите за кои се очекувало да бидат најсилно погодени, додека Конектикат го активирал државниот центар за итни ситуации.

Видео: