Девет лица се уапсени рано утрово во општина Зубин Поток, Косово, под сомнение за извршување воени злосторства, објави „Клан Косова“.
Полициската операција била спроведена по наредба на Специјалното обвинителство на Косово и го носела кодното име „Досие 23“. Во неа учествувале припадници на Дирекцијата за истрага на воени злосторства, како и други специјализирани полициски единици.
Според објавените информации, акцијата е поврзана со случајот познат како „Група интелектуалци“. Специјалното обвинителство и косовската полиција најавиле дека во текот на денот ќе соопштат дополнителни детали за операцијата и преземените дејствија.
Случајот се поврзува и со ископувањата извршени кон крајот на јуни и почетокот на август во близина на селата Мала Калудра и Јабука, на подрачјето на Зубин Поток. Таму биле пронајдени останки на 23 лица за кои постојат сомневања дека биле дел од таканаречената „Група интелектуалци“.
Според информациите објавени од „Скопје1“, ДНК-анализата извршена во Хаг на три од пронајдените останки потврдила дека станува збор за членови на групата кои исчезнале на 19 април 1999 година.





