ПРВ.мк
Црна Хроника

ПО 300 ЛИТРИ ДОЖД ЗА 48 ЧАСА: Бангкок се опоравува од големите поплави, 4.200 луѓе евакуирани

ПО 300 ЛИТРИ ДОЖД ЗА 48 ЧАСА: Бангкок се опоравува од големите поплави, 4.200 луѓе евакуирани

По обилните врнежи што предизвикаа сериозни поплави, состојбата во Бангкок почнува постепено да се стабилизира. Водата во неделата се повлекува од делови од тајландската престолнина, откако дождот ослабна и им овозможи на надлежните поинтензивно да работат на испумпување на водата.

Во период од 48 часа, заклучно со саботата, во Бангкок наврнале речиси 300 милиметри дожд. Големи количества вода ги поплавија главните сообраќајници, а на одредени места автомобилите останаа делумно потопени.

Градската управа соопшти дека биле подготвени 233 привремени засолништа, во кои биле евакуирани и сместени околу 4.200 лица.

Поплавите во саботата во голема мера го парализираа градот, а сите 50 окрузи во поширокото подрачје на Бангкок беа прогласени за подрачја погодени од катастрофа.

По смирувањето на врнежите, екипите го забрзале испумпувањето на каналите и намалувањето на нивото на водата. Доколку нема нови обилни врнежи, се очекува поплавите постепено да се повлечат.

Поради последиците од невремето, вработените во јавниот сектор добиле инструкции во понеделник и вторник да работат од дома, додека училиштата ќе останат затворени.