Четири лица го загубија животот во тешка хеликоптерска несреќа во канадската провинција Квебек, во близина на Монтреал.
Според информациите на провинциската полиција на Квебек, итните служби биле повикани во местото Сент Брижид д’Ибервил во саботата, нешто по 14:30 часот по локално време, по пријава за хеликоптер во неволја.
Кога екипите пристигнале на местото, го затекнале леталото во пламен. Сите четири лица кои се наоѓале во хеликоптерот биле прогласени за мртви.
Идентитетот на жртвите засега не е соопштен. Наредничката Одри-Ан Билодо изјавила дека, според првичните сознанија, најверојатно станува збор за приватен хеликоптер.
Несреќата се случила во близина на патот Ранг де Зекосе, недалеку од автопатот 10. Пожарникарите успеале да го стават пожарот под контрола приближно еден час по добиениот повик.
Истрагата ја води полицијата на Квебек во соработка со крим-техничари и истражители од Канадскиот одбор за безбедност во транспортот. Треба да се утврди што точно довело до падот на леталото.
Според полицијата, процесот на идентификација на загинатите би можел да трае неколку дена.





