Од 2027 година за административните службеници се најавува нов систем кој, покрај наградување на успешните вработени, ќе предвидува и санкции за оние кои не ги исполнуваат своите работни обврски.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев, во гостување во „Ноќно студио“ на 4ТВ, посочи дека новите законски решенија имаат цел да воспостават поголема одговорност кај вработените во јавниот сектор.
Според најавите, системот ќе овозможи индивидуални награди и додатоци за одредени категории вработени. Меѓу нив се и службениците вклучени во процесот на преговори со Европската Унија, како и оние кои работат на активности поврзани со европските фондови.
Но, покрај наградите, Минчев најави и казнени механизми.
„Предвидени се и казни“, изјави министерот, посочувајќи дека досегашните законски решенија во голема мера обезбедувале заштита за вработените во јавниот сектор.
Намерата, според него, е да се воспостави баланс меѓу правата што ги имаат административните службеници и нивната одговорност навремено и соодветно да ги извршуваат работните задачи.
Најавени се и можности за побрзо спроведување дисциплински мерки, како и промени во начинот на хиерархиско напредување во институциите.






