Повторно е оштетена јавна и урбана опрема во Општина Карпош, овојпат на детското игралиште во населбата Карпош 1.
Како што информираат од Општина Карпош, на игралиштето се оштетени повеќе детски реквизити, како и дел од останатата урбана опрема.
Од локалната самоуправа посочуваат дека секоја година се издвојуваат средства за одржување, обновување и унапредување на јавните површини, а континуирано се инвестира и во поставување и реконструкција на детски игралишта.
Сепак, ваквите инвестиции повторно се доведуваат во прашање поради неодговорно однесување и вандализам.
Од Општина Карпош апелираат граѓаните одговорно да се однесуваат кон јавниот простор и да придонесат за негово зачувување, нагласувајќи дека јавните површини се заедничко добро кое го користат сите жители.









