ПРВ.мк
Свет

Етна отвори нов кратер: Хаос со летовите, илјадници туристи не можат да ја напуштат Сицилија

Етна отвори нов кратер: Хаос со летовите, илјадници туристи не можат да ја напуштат Сицилија

Илјадници туристи се соочуваат со сериозни проблеми на Сицилија по засилената активност на вулканот Етна, кој продолжува да исфрла големи количества пепел, лава и вулкански материјал.

Поради намалената видливост и ризиците за воздушниот сообраќај, аеродромот во Катанија е затворен, а проблемите со летовите траат веќе петти ден, токму во екот на туристичката сезона.

Според објавените информации, околу 30.000 патници се директно погодени од нарушувањата во сообраќајот, а повеќе од 200 летови се откажани или пренасочени. За аеродромот е прогласено највисокото, црвено ниво на предупредување.

Туристи останаа без сместување

Поради масовното откажување на летовите, голем број туристи биле принудени да го продолжат престојот на островот. Сместувачките капацитети брзо се пополниле, а дел од патниците останале да преноќуваат на аеродромските терминали.

Многумина сега се обидуваат да стигнат до Палермо, од каде што сè уште се реализираат меѓународни летови. Тоа предизвикало дополнителен притисок врз железничкиот и патниот сообраќај, а возовите кон Палермо се преполни.

Во исто време се појавија и обвинувања за драстично зголемување на цените на приватниот превоз. Италијанскиот актер Филипо Лагана објавил дека за трансфер со комби од Катанија до Палермо, на растојание од околу 200 километри, се барале суми и до 700 евра.

Етна отвори нов кратер

Според податоците на Италијанскиот национален институт за геофизика и вулканологија (INGV), Етна во последните денови интензивно исфрла вулканска пепел.

Лава истекува од два примарни кратери на височина од околу 2.360 и 2.750 метри, додека во текот на ноќта бил забележан и нов кратер на височина од приближно 1.900 метри.

Надлежните служби продолжуваат постојано да ја следат активноста на Етна, најактивниот вулкан во Европа, додека туристите и авиокомпаниите чекаат условите да овозможат нормализирање на воздушниот сообраќај.