ПРВ.мк
Свет

ХАКИРАНА ЦИА: Американската агенција мета на напад, еве во кој систем е извршен упад!

ХАКИРАНА ЦИА: Американската агенција мета на напад, еве во кој систем е извршен упад!

Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) и Канцеларијата на директорот на Националната разузнавачка служба биле мета на хакерски напад кој влијаел врз некласифицирани информации, изјавија денеска четири извори запознаени со ситуацијата.

Еден од изворите за Си-Ен-Ен (CNN) изјави дека упадот го погодил системот што агенциите го користат за анализа на разузнавачки податоци од отворени извори.

Целосниот обем на нарушувањето на безбедноста сè уште не е познат, но официјалните лица нагласија дека не се засегнати доверливи информации.

– Немаше нарушувања во работата на критичните капацитети или доверливите системи – изјави претставник на Канцеларијата на директорот на Националната разузнавачка служба (ODNI), која надгледува 17 американски разузнавачки агенции, вклучувајќи ја и ЦИА.

Од ЦИА одбија да ги коментираат наводите за хакерскиот напад.

Овој упад е најнов во низата инциденти поврзани со сајбер-безбедноста или технолошките прекини што ги потресоа американската влада и приватниот сектор, при што во последните десетина дена беа погодени банки, Националната агенција за безбедност (НСА) и системот за контрола на воздушниот сообраќај (ФАА).

Најнови вести