ПРВ.мк
Црна Хроника

ВОЗНЕМИРУВАЧКА ВЕСТ: Девојче на 12 години стана мајка, забременила уште на 11!

ВОЗНЕМИРУВАЧКА ВЕСТ: Девојче на 12 години стана мајка, забременила уште на 11!

Во бугарскиот град Монтана, во северозападниот дел на земјата, 12-годишно девојче родило бебе. Таткото на бебето има 16 години, а девојчето живеело со него веќе три години. Породувањето поминало без компликации со царски рез во болницата „Д-р Стамен Илиев“, по што за случајот биле известени надлежните институции.

Гинекологот д-р Захари Николов, кој учествувал во породувањето, изјави за „Нова.бг“ дека станува збор за шокантен случај.

– За жал, ова е нешто шокантно. Деветгодишно дете отишло да живее со нејзиниот таканаречен сопруг, кој имал 13. На 11 години, уште пред да ја добие првата менструација, за која не ни знае што е, таа останала бремена и сега се породи – рече д-р Николов.

Според неговите објаснувања, девојчето немало добиено менструација и најверојатно забременило веднаш по првата овулација. Новороденчето тежело 2,5 килограми и било долго 48 сантиметри.

– Ова се деца, за што да се грижат? Не разбираат ништо. Мајката не знае ништо. Има завршено само трето одделение, не може да чита, не може да пишува. Како да комуницирам со неа, како да ѝ објаснам, како ќе се грижи за бебе? – вели докторот.

Тој посочува дека малолетните бремености во Бугарија не се реткост и дека во практиката се среќаваат и родилки помлади од 14 години.

– До 18-годишна возраст, малолетниците веќе се дел од пејзажот. Редовно работиме со нив. Денес има малолетни родилки кои се помали од 14 години. Мислев дека вакво нешто постои само во Бангладеш. Имам работено и во Африка и не сум видел нешто вакво – изјави Николов.

Според податоците што ги пренесуваат бугарските медиуми, годинава речиси 8 отсто од родилките во земјата биле малолетни. Минатата година околу 2.400 бебиња биле родени од девојки на возраст од 15, 16 и 17 години, а 208 мајки имале помалку од 15 години.

Д-р Николов предупредува и на сериозните здравствени и психолошки ризици кај малолетните родилки, наведувајќи дека голем дел од нив се соочуваат со постпородилна депресија, анксиозност, стрес и тешкотии при доењето и адаптацијата.

По првичните информации, надлежните служби одлучиле 12-годишната мајка и бебето привремено да останат под надзор.

– Беше донесена одлука мајката, заедно со бебето, да биде сместена во одделот за мајки и бебиња. Ова е комплекс кој нуди социјални и здравствени услуги, каде што мајката ќе ја добие потребната поддршка и ќе биде подучена како да се грижи за бебето – изјави социјален работник од Монтана, додавајќи дека во домот каде што престојувале малолетниците имало соодветни услови за живот.

Д-р Николов нагласи дека ова не е најмладата родилка во неговата практика, потсетувајќи дека во минатото породувал и 11-годишно девојче, кое две години подоцна, на 13-годишна возраст, родило уште едно дете.