ПРВ.мк
Македонија

ЈАНЕВ СО ЈАСНА ПОРАКА: Безбедноста на жените не смее да зависи од тоа дали насилството е зад затворени врати или зад екран!

ЈАНЕВ СО ЈАСНА ПОРАКА: Безбедноста на жените не смее да зависи од тоа дали насилството е зад затворени врати или зад екран!

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, денеска (25 ноември) присуствуваше на настанот организиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, со кој воедно се означува и почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам“.

Во фокусот на настанот беше дигиталното насилство врз жените и девојчињата, како сè поизразен облик на насилство со сериозни последици врз нивната безбедност, приватност и достоинство.

Во своето обраќање, директорот Јанев истакна дека безбедноста на жените и девојчињата не смее да зависи од тоа дали насилството се случува зад затворени врати или зад екран, нагласувајќи дека справувањето со родово-базираното и семејното насилство е стратешки приоритет за Бирото за јавна безбедност.

Притоа, тој посочи дека институционалниот одговор мора да се темели на ефикасно и професионално полициско постапување, навремена проценка на ризикот и заштита на жртвите, зајакната меѓуинституционална соработка, како и континуирана превенција и унапредување на капацитетите за справување со дигиталното насилство, вклучително и обезбедување електронски докази.

Јанев нагласи дека жртвите не смеат сами да ја носат тежината на борбата против насилството, дека пријавувањето е чин на храброст и дека одговорноста секогаш е кај сторителот. Секој што ќе побара помош, додаде тој, мора да биде сослушан, заштитен и да добие професионален институционален одговор.

Посебно ја истакна важноста на соработката со младите, нивното активно вклучување во превентивните активности и создавањето општество засновано на доверба, почитување и заедничка одговорност.

„Посветеноста на институциите не се мери според зборовите што ги кажуваме денес, туку според сигурноста, довербата и промените што ги обезбедуваме секој ден“, порача Јанев.

Најнови вести