ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМА АКЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА: Одземени 67 возила, две лица уапсени – еве што откри Интерпол!

ГОЛЕМА АКЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА: Одземени 67 возила, две лица уапсени – еве што откри Интерпол!

Две лица се лишени од слобода, а 67 возила се одземени во Македонија во рамките на меѓународната полициска операција „CARBACK II“, организирана од Интерпол, која се спроведувала од 28 септември до 9 октомври.

Акцијата била насочена кон откривање кражби на моторни возила, криумчарење, нелегална трговија и финансиски измами поврзани со возила.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, низ земјава биле извршени 3.944 проверки на возила на граничните премини, контролните пунктови и на други локации.

Кај 55 од одземените возила постои сомнение за прикривање криумчарена стока и царински измами. Три возила биле одземени поради сомнение за фалсификувани документи и броеви на шасија, а четири поради царински прекршоци.

За две возила Германија распишала меѓународна потрага поради измами со лизинг и затајување. Меѓу причините за одземањето на преостанатите возила се и употребата на туѓи регистарски таблички, затајувањето и оштетувањето туѓи права.

Во рамките на операцијата биле контролирани и 17 фирми што продаваат автомобили и половни автомобилски делови. При инспекциските надзори биле проверени 809 возила, од кои 59 биле одземени.

Покрај полицијата, во акцијата биле вклучени Царинската управа, Управата за јавни приходи, како и државните инспекторати за труд, пазар и животна средина. Од МВР нагласуваат дека операцијата е дел од меѓународната полициска соработка во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал.

Најнови вести