ПРВ.мк
Македонија

АЛАРМАНТНИ БРОЈКИ ВО МАКЕДОНИЈА: 7 фемициди годинава, а 90% од жртвите претходно биле пријавувани во МВР!

АЛАРМАНТНИ БРОЈКИ ВО МАКЕДОНИЈА: 7 фемициди годинава, а 90% од жртвите претходно биле пријавувани во МВР!

Насилниците кои ги тепаат сопругите или партнерките привремено да не смеат да ги гледаат ни децата и да немаат комуникација со нив, зашто иако институциите не ги препознаваат нив како индиректни жртви, сепак, и тие страдаат психички и физички од насилството. Ова е една од предвидените измени на Законот за заштита на жени и жртви на семејно насилство, кои уште во август беа предложени во Собранието, ама никако да дојдат на дневен ред за гласање.

Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, вели дека во овој Предлог-закон има три измени кои се клучни и кои Собранието треба што поскоро да ги изгласа, и покрај, како што рече, опструкциите и притисоците што ги прават антиродовите движења врз пратениците. Предлозите биле изготвени од работна група, која, како што прецизираше таа, била составена од професионалци од сите институции што се занимаваат со оваа проблематика, на иницијатива на Министерството за внатрешни работи, откако во скопско Тафталиџе, како последица на долготрајно насилство од Стојанче Јовановски, починаа Ивана и Катја.

– Три месеци предлог-измените не се ставени на дневниот ред во Собранието, не се отворени за дискусија, ниту усвоени. Предлог-измените што ги бараме се зголемени полициски овластувања, односно во случај на непосредна и сериозна опасност, да може сторителот да биде отстранет од домот, а потоа тоа да биде потврдено и со судска одлука. Втората клучна измена се однесува на унапредената заштита на децата жртви на насилство. Она што мора сите да го запомниме е дека децата, независно од тоа дали се директни, секогаш се индиректни жртви на насилството во домот. Се предлага нова привремена мерка за заштита, која е во согласност со меѓународните документи – привремено да се ограничи комуникацијата на родителот кој е сторител на насилство со децата. Третата измена е давање можност за електронски алки во случај кога им е изречена забрана за доближување и комуникација со жртвата – објасни Димушевска.

Од денеска, информираше Димушевска, почнува мораториумот на Националната мрежа, на Мрежата против дискриминација и на Платформата за родова еднаквост.

– Со години наназад, во рамки на кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени“ која почнува на 25 ноември и трае до 10 декември, многу ликови кои се на позиции на моќ и се на позиции да направат промена и да го подобрат системот на заштита на жените и децата – жртви на насилство, одбираат да се сликаат и да ветуваат, но од година во година ништо не се случува – рече таа.

Димушевска нагласува дека мора да постои национален сеопфатен систем на сервиси за жртви на родово-базирано насилство, за што Министерството за финансии од буџетот треба да одвојува 7 милиони евра годишно, наместо сегашните 200 илјади евра. Барањето е во 2027 година да се одвојат барем 3,2 милиони евра од буџетот специјално за оваа намена, за да може системот да се воспоставува.

Неофицијалните информации, посочи Димушевска, зошто Предлог-законот не се наоѓа на дневен ред, се дека пратениците се под влијание на антиродови движења, кои сакаат термините род и родово-базирано насилство да се избришат од законите и да се поништи напредокот во оваа сфера од 2015 наваму. Таа апелираше жените пратенички да ги истуркаат предлог-измените на Законот, независно од која партија доаѓаат.

– Антиродовите движења сакаат да го вратат општеството години и децении наназад и да ја вратат жената во домот како мајка, сопруга и домаќинка која нема да има никаква економска независност и нема да има никаква моќ на одлучување – рече Димушевска.

Наташа Петкоска од Платформата за родова еднаквост рече дека кога зборуваме за семејно насилство, а не за родово-базирано насилство, го гледаме само односот меѓу сторителот и жртвата, а не и родово-базираниот мотив кој е исклучително важен за да се справиме со овој проблем. Таа побара одговорност и транспарентност за пропуштените дејствија на полицајците кои не постапуваа за Ивана и Катја.

– Бараме во сите фемициди и обиди за фемициди институциите да го испитаат постапувањето и тоа да го направат соодветно – рече Петкоска.

Таа спомена дека е изготвена анализа на судските пресуди за периодот од 2014 до 2024 година.

– Во најголем број случаи фемицидот и обидот се сторени од лица во најблиското опкружување на жртвата – сопруг, партнер сегашен или поранешен. Се случува најчесто во домот на жртвата, откако жртвата ќе реши да го пријави и да го напушти сторителот. Фрапантен е податокот дека во 90 отсто од случаите, МВР биле запознаени со насилството, што значи дека има големи пропусти со тоа како постапувале со пријавите и поплаките претходно. Жртвата во сите овие пресуди е „невидлива“ и најголем фокус судовите и обвинителствата ставаат на сторителот – рече Петкоска.

Активистката за родова рамноправност Савка Тодоровска рече дека мобилната бесплатна СОС линија 141-700 постои од 1994 година и работи 24 часа на ден, седум дена во неделата, на македонски, албански и ромски јазик. Само во последниве 10 месеци на оваа линија имало 400 пријави.

– Има шест специјализирани оператори, а 98 проценти од сите пријавувања се од жени од сите возрасти. Почнуваат да се јавуваат и жени над 60 години – рече Тодоровска.

Денеска, на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, најавен е протест во 17 часот против фемицидите и институционалното непостапување, организиран од иницијативата „Ниту една повеќе!“. Организаторите повикаа секој присутен да донесе по една грутка земја, зашто на крајот од протестот ќе има несимболична перформативна акција пред Министерството за внатрешни работи.

Годинава има 7 фемициди во Македонија. Протестот е закажан да почне пред Собранието. Во центарот на Скопје веќе може да се забележат оставени пораки меѓу кои и „Мртви жени се ваша семејна вредност“.

Најнови вести