Во акција на царински службеници на граничниот премин Богородица биле запленети еден милион парчиња цигари без акцизни маркички во вредност од девет милиони денари, откриени при контрола на товарно моторно возило пријавено за транзит.
„Со оваа акција спречен е обид за криумчарење и избегнување увозни давачки во износ од 13,7 милиони денари. Возачот на камионот, српски државјанин, е приведен и против него од страна на Одделението за истраги е поднесена кривична пријава до ОЈО Гевгелија за сторено кривично дело криумчарење“, информираат од Царинската управа.
Во случајот, како што наведуваат оттаму, возилото на влез во државата било пријавено за транзит на стока – пропиленски гранулати. Поради сомневање, царинските службеници го селектирале за детален преглед, при што биле пронајдени 100 картонски кутии со вкупно 5.000 непријавени штеки цигари.
Од Царина посочуваат дека ова е втор ваков случај на спречен обид за криумчарење цигари без акцизни маркички во волкава количина на граничниот премин Богородица годинава.
„Оваа акција е уште еден доказ за сеопфатниот пристап во нашите заложби за сузбивање на нелегалната трговија со тутун, со активно делување на сите полиња, преку контроли на границите, на внатрешниот пазар и засилени истражни дејствија“, нагласија од Управата.




