Во здравството има многу малку децентрализација во локалната самоуправа и во општините, но тие се клучни во многу сегменти на јавното здравје и превенцијата, посочи министерот за здравство Сашо Клековски на првиот национален форум „Општини за здравје“.
Во панел-дискусијата со претставници од општините Карпош, Битола, Кисела Вода, Крива Паланка и Куманово, тој ги издвои клучните подрачја каде што соработката со локалните самоуправи е неопходна:
- Западнонилска треска: Министерот упати благодарност до градоначалниците од скопскиот регион за одличната соработка ова лето, која помогна проблемот да не стане уште поголем.
- Чиста и питка вода: Беше посочена важноста на безбедното водоснабдување, како во случајот со Гостивар.
- Здравјето на децата и младите: Нагласено е дека училиштата се директна одговорност на локалната самоуправа и клучен простор за превенција.
- Контрола на пушењето: Потребен е јасен општествен консензус за две правила – забрана за продажба на цигари на лица под 18 години и забрана за пушење во затворени простории.
На првиот национален форум „Општини за здравје“ се обратија и заменик-министерот за локална самоуправа Ерџан Селими, претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) во земјава, д-р Аким Али, како и д-р Марија Андоновска.




