Европската интеграција е наш стратешки приоритет, а спроведувањето на реформите е наша институционална одговорност, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешниот пленарен состанок на Секторската работна подгрупа „Внатрешни работи“.

На состанокот, заедно со претставничката на Делегацијата на Европската Унија, Роберта Кортезе, како и со меѓународните и институционалните партнери, се разговарало за напредокот во реформските процеси, тековните проекти и новите иницијативи за модернизација на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Како што истакна министерот, реформите не претставуваат само исполнување формални обврски, туку нивната вистинска вредност се мери преку конкретни и одржливи резултати, поефикасни институции, поквалитетни услуги и поголема безбедност за граѓаните.
Во обраќањето беше нагласено дека особено се цени континуираната поддршка од Европската Унија преку ИПА-фондовите, како и помошта од меѓународните партнери, но исто толку важни се и сопствената иницијатива, одговорноста и посветеноста во спроведувањето на процесите.
Од МВР порачуваат дека остануваат цврсто посветени на исполнувањето на Реформската агенда и усогласувањето со европските стандарди, со јасна стратешка цел – полноправно членство на Македонија во Европската Унија.





