Поротата во федералниот суд во Бруклин го прогласи „Хуавеј“ за виновен по 10 од вкупно 12 точки од обвинението. Меѓу нив се заговор за кражба на деловни тајни, банкарска и електронска измама, како и прекршување на американските санкции. За другите две точки, заговор за рекетирање и заговор за попречување на правдата, поротата ја ослободи компанијата.
Во средиштето на судењето беа две прашања – како кинескиот телекомуникациски гигант доаѓал до доверливи технологии на конкурентите и што им кажувал на банките за своето работење во Иран. Обвинителите тврдеа дека компанијата се обидувала да стекне предност со туѓи деловни тајни и дека ги довела банките во заблуда за своите деловни врски со земјата, која е под американски санкции.
Од „Хуавеј“ ја поздравија одлуката на поротата да ја ослободи компанијата од најтешкото обвинение, заговорот за рекетирање. Компанијата го оспорува и остатокот од пресудата. Во соопштението посочува дека петте спорови за деловни тајни на кои се повикало обвинителството веќе биле решени во граѓански постапки.
Судот треба да ја изрече казната на 14 септември 2027 година. На „Хуавеј“ му се заканува парична казна, а нејзиниот износ допрва ќе се утврдува.






