Европската Унија и Кина се меѓу најголемите трговски партнери што би можеле да бидат погодени од новите глобални царини што ги подготвува американскиот претседател Доналд Трамп. Според Би-Би-Си, се очекува мерките да ја опфатат и Јапонија. Колкави ќе бидат давачките за увоз во САД би зависело од договорите што секој трговски партнер претходно ги склучил со Вашингтон.
За новите мерки, американската администрација се повикува на член 301 од Законот за трговија од 1974 година. Тој им овозможува на САД да воведат царини кога ќе утврдат дека одредена земја применува трговски практики што ги ставаат американските компании во неповолна положба. Постапката започна во март, откако Врховниот суд на САД ги прогласи за незаконски царините што Трамп ги воведе во април 2025 година.
Трамп тврди дека повисоките давачки за увоз ќе го поттикнат домашното производство и ќе отворат нови работни места во САД. За Пекинг, најавата доаѓа во чувствителен момент. И покрај средбата на Трамп со кинескиот претседател Си Џинпинг минатата недела, дел од трговските спорови остануваат отворени. Привремениот договор меѓу двете земји истекува на 10 јануари.






