ЦИА и Канцеларијата на директорот на националното разузнавање на САД биле цел на хакерски напад, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на свои извори. Според еден од нив, хакерите успеале да пристапат до систем што американските разузнавачки агенции го користат за анализа на јавно достапни информации.
Преку тој систем, разузнавачите собираат податоци од отворени извори и ги анализираат за да изготват проценки и да следат можни безбедносни закани. Нападот засегнал некласифицирани информации. Засега останува нејасно до колкав дел од системот стигнале хакерите и колку податоци можеле да видат.
Службеник од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање изјавил дека класифицираните системи продолжиле да функционираат и дека нападот не ги попречил клучните разузнавачки операции.






